Волонтерски ден за паметење на 25 Мај

Волонтерски ден за паметење на 25 Мај

Дваесетгодишнината од дејствувањето на Хабитат Македонија и симболичното одбележување на поранешниот Ден на младоста беа повод, барем за еден ден да се обнови традицијата на некогашниот младински доброволен труд, преку волонтерски ден кој беше организиран на 25 мај 2025 година.

Повеќе од 30 поранешни функционери и членови на младинската организација на Македонија и Југославија која своевремено организираше голем број младински работни акции, се собраа на градилиштето на Хабитат во Велес и помагаа при изградбата на седмата станбена зграда со 16 нови станови за семејства со ниски приходи.

Меѓу волонтерите се најдоа некогашни младинци кои во меѓувреме извршуваа значајни државни и политички функции: членот на Претседателството на СФРЈ и подоцна потпретседател на македонската влада Васил Тупурковски, двајца други поранешни потпретседатели на македонската влада – Ристо Иванов и Зоран Крстевски, поранешниот претседател на македонското Собрание и министер за финансии Никола Поповски, поранешните членови на Собранието Ангелка Пеева Лауренчиќ и Слободан Најдовски, амбасадорот Јон Ивановски, градоначалниците Аце Коцевски, Борче Георгиевски и Стевчо Јакимовски, како, некогашните уредници на студентските и младинските весници Горан Михајловски и Зоран Димитровски, кој денес е заменик министер за надворешни работи.

Домаќини на настанот беа Тетјана Лазаревска, претседателка на Собранието на Хабитат Македонија, Драган Малиновски, претседател на Управниот одбор и Зоран Костов, извршен директор, сите тројца исто така поранешни младински активисти и функционери.

Младинските работни акции беа популарна форма на работно ангажирање на младите, особено во децениите по Втората светска војна, кога се градеше јавна инфраструктура, патишта, железници и индустриска објекти. Гостите кои во оваа прилика го одбележаа јубилејот на Хабитат Македонија на овој начин се вброија меѓу стотиците волонтери од целиот свет, најмногу од САД, кои последнава деценија се вклучени во изградбата на населбата на Хабитат во Велес.